Недостигот на DRAM меморија дополнително го отежнува производството на компјутерска и друга електронска опрема. Помалите производители сè почесто формираат посебни тимови за набавка, чија единствена задача е да пронајдат и обезбедат расположиви мемориски чипови.

Во ваквите „воени соби“ за набавки, вработените контактираат стотици брокери, следат интернет-огласи и купуваат дури и многу мали количини. Во поединечни случаи се набавуваат серии од само пет до 12 модули, само за да се одржи производството.

Тајванскиот производител на мемориски модули и складишта Apacer, според извештајот, земал кредити за да има достапни средства доколку се појави можност за купување чипови. Недостигот веќе ги зголемува трошоците за производителите, па дел од нив ги покачуваат цените на готовите уреди. Други се обидуваат да го ограничат поскапувањето со намалување на спецификациите на своите производи.

Големите компании, меѓу кои Amazon, Apple и Microsoft, имаат предност бидејќи можат да склучуваат долгорочни договори и да откупуваат значително поголеми количини. За помалите фирми, пак, главен извор остануваат посредниците и сивиот пазар, каде што постои и ризик од мешање користени мемориски чипови со нови испораки.

Притисокот врз пазарот се поврзува со пренасочувањето на производството кон HBM меморија, која носи поголема заработка. Micron, Samsung и SK hynix се главните производители на меморија, а нивното ограничено производство на DDR3 и DDR4 е предмет и на тужба за наводно координирано намалување на понудата. Судот што го разгледува случајот оценил дека е можно такво договарање да се случило во периодот на наглото поскапување.

Иако производителите градат нови фабрики, тие не се очекува да почнат со значително производство пред 2028 година. SK hynix предупредил дека 2027 може да биде најтешката година за недостигот, додека од TeamGroup посочиле дека состојбата може да достигне ниво на кое ниту високата цена нема да гарантира достапна стока.