Пред седиштето на Anthropic во Сан Франциско трети ден трае штрајк со глад организиран како протест против примената на рекурзивно самоподобрување на моделите. Активистот Елиот Календер бара компанијата да запре со оваа практика, која според него го забрзува развојот без доволно јавен надзор и безбедносни проверки.
Рекурзивното самоподобрување, познато и како RSI, е пристап при кој моделот се користи за постојано да ги подобрува сопствените способности. Процесот се темели на повторлив циклус на тестирање, повратни информации и подобрување, со цел побрзо напредување во однос на вообичаените развојни методи.
Календер најавил дека е подготвен да продолжи со штрајкот и повеќе од 40 дена доколку тоа е потребно за да изврши притисок врз Anthropic. Тој исто така планира по протестот пред оваа компанија да насочи активности и кон OpenAI. Во меѓувреме, му се приклучил уште еден демонстрант.
Протестот се случува во период кога критиките кон брзиот развој на напредни софтверски модели стануваат сè почести. Дел од противниците предупредуваат дека темпото на развој не остава доволно време за независни проверки, процена на ризиците и воспоставување заштитни механизми. Други стравуваат од брзи економски последици и промени на пазарот на трудот.
Календер ги повикал жителите на Калифорнија да побараат од гувернерот Гевин Њусом законодавна седница посветена на RSI. Неговиот став е дека компаниите би требало да прекинат со ваквото самоподобрување, да вложат средства во лобирање за билатерален меѓународен договор и појасно да ги предупредуваат корисниците за своите производи.
Поддржувачите на RSI, од друга страна, сметаат дека запирањето на една лабораторија или држава нема нужно да го запре развојот на друго место. Тие укажуваат дека конкурентите би можеле да продолжат со истите методи, што дополнително ја усложнува идејата за глобално ограничување. Според изворот, Anthropic претходно објави дека Claude напишал 90 проценти од сопствениот код.
