IKEA подготвува нов Bluetooth звучник со препознатлив коцкаст дизајн. Моделот Badkruka веќе е прикажан на германската и шведската веб-страница на компанијата, иако сè уште нема пошироко официјално претставување ниту достапност на други пазари.
Badkruka е поголем од претходниот IKEA Kallsup. Куќиштето е широко и длабоко по 16 сантиметри, високо е 17,5 сантиметри, а ќе се продава во црна и розова боја. Изработено е од ABS пластика и поликарбонат.
Од достапните фотографии и описот се гледа дека звучникот е наменет за работа со кабелско напојување. Не се наведува вградена батерија, ниту можност за полнење, па Badkruka не изгледа како модел наменет за носење надвор од домот.
На горната страна има физички копчиња за репродукција и јачина на звук. Меѓу нив е и копче за Spotify Tap, функција со која корисникот може со едно притискање да продолжи со слушање музика од местото каде што претходно застанал во Spotify на друг уред.
IKEA предвидела и поврзување на два Badkruka звучници во стерео-пар за синхронизиран лев и десен канал. Производната страница упатува и на можност за поврзување на дополнителни звучници, иако не е наведено колку единици максимално може да се синхронизираат. Кај помалиот Kallsup, на пример, е можно спарување до 100 звучници.
Технички спецификации за драјверите, моќноста или Bluetooth-стандардот засега не се објавени. IKEA сепак го опишува звукот како моќен и избалансиран, со намена за игри, стриминг и слушање музика. На располагање се и три поставки за еквилајзер, за приспособување на аудио-излезот според содржината и личниот вкус.
Во Германија, Badkruka е поставен со цена од 50 евра. Засега нема информации за цена и достапност во други земји.
