Темната материја сочинува приближно 85 проценти од материјата во вселената, но нејзиниот состав и понатаму е една од најголемите непознаници во физиката. Нејзиното постоење се заклучува преку гравитациските ефекти врз галаксиите и другите космички структури, додека директното проучување е исклучително тешко бидејќи речиси не стапува во интеракција со обичната материја.

Физичарите со децении разгледуваат две можности: темната материја да се состои од еден вид честички или да содржи повеќе различни честички со сопствени својства. Во вториот случај се отвора уште поинтересно прашање — дали тие честички би можеле да се поврзуваат меѓусебно и да создаваат темни атоми и молекули.

Тим од пет физичари во нов труд објавен како препринт истражува токму такво сценарио. Нивниот модел се потпира на идејата за т.н. огледален сектор: хипотетички збир честички кои едвај влијаат врз видливата материја, но меѓусебно би можеле да имаат сопствени сили и интеракции.

Овој пристап е поврзан со теоријата Mirror Twin Higgs, предложена пред околу две децении како можно објаснување за прашањето зошто масата на Хигсовиот бозон е онаква каква што е измерена. Во новото истражување учествува и Закарија Чако, еден од авторите на оваа теоретска рамка.

Пресметките покажуваат дека, под одредени услови, честичките од огледалниот сектор би можеле да формираат темни јадра, атоми и еквиваленти на повеќе елементи, од наједноставните до структури споредливи по сложеност со јаглеродот. Сепак, тоа не би била идентична копија на познатата материја.

Различните маси и својства на темните честички би значеле и поинакви правила за нивното врзување, стабилност и можните структури. Во моделот, на пример, темниот еквивалент на водородот би бил нестабилен, за разлика од водородот кој е наједноставниот и најраспространет елемент во обичната материја.

Доколку некогаш бидат откриени вакви структури, научниците би морале да развијат систем за нивно распоредување и разбирање — нешто налик на периодична табела за темната материја. Засега, ова останува теоретска можност: ниту темни атоми ниту темни елементи сè уште не се забележани.