Развивачот Алексеј Фатеев, познат како alesha-pro на GitHub, објави минимален оперативен систем напишан целосно во x86-64 асемблер, наменет директно да го извршува моделот Qwen3-0.6B. Системот е тежок само 24.252 бајти и се подига за 74 до 94 милисекунди, без Linux, Windows, програмски јазици како C и Rust, ниту стандардни библиотеки.

Проектот, достапен како asm-llm-os.elf, работи директно на хардверот. При стартување преминува во 64-битен режим, ги активира процесорските јадра преку APIC и ги мапира тежините на моделот Q8_0 од физичката меморија. Самите податоци за моделот зафаќаат 614 MiB, односно приближно 28.000 пати повеќе простор од оперативниот систем што ги вчитува.

Корисничкиот интерфејс е намерно едноставен: поддржани се VGA екран со резолуција од 80 на 25 знаци, PS/2 тастатура и сериска комуникација. По подигнувањето, системот отвора разговорен интерфејс со повеќекратни пораки и KV-кеш меморија, без класична работна околина, датотечен систем или дополнителни системски сервиси.

Според објавените мерења на сервер со AMD EPYC 7642, решението постигнало поголема брзина од llama.cpp под Linux при истиот Q8_0 модел и исклучено графичко забрзување. На четири процесорски нишки се измерени 78,89 токени во секунда, наспроти 51,08 токени во секунда кај Linux конфигурацијата, што претставува предност од 54 проценти. Забрзување е забележано и со една, осум и 16 нишки, каде разликата се движи од 31 до 46 проценти.

Фатеев тестирал и верзија за Linux, чиј извршен фајл е 14,7 KB бидејќи не содржи код за подигнување на системот и иницијализација на влезно-излезните уреди. Таа верзија, според резултатите, е од 18 до 36 проценти побрза од llama.cpp во тестови со една до 40 нишки.

Изворниот код, ISO-алатката за изградба и упатството за поставување се објавени под MIT лиценца.