Иран наводно користел терминали од сателитската интернет-мрежа Starlink за комуникација и управување со напади со дронови врз американски сили на Блискиот Исток, откако биле погодени неговите конвенционални комуникациски системи.
Според информации објавени од „Вашингтон пост“, доверлив извештај бил споделен со американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет. Во него се наведува дека иранските сили ја користеле мрежата на SpaceX како алтернативен канал за команда и контрола, вклучително и за надгледување на операции со нападни дронови.
Наводната употреба на Starlink се поврзува со нападот на воен објект во Порт Шуаиба, Кувајт, на 1 март 2026 година. Во ударот загинале шест американски припадници. Изворите велат дека постои сомнеж оти Starlink терминал помогнал во изведувањето на операцијата, но Пентагон соопштил дека не е запознаен со постоење на извештајот за ова прашање.
Случајот повторно го отвора прашањето за контролата врз комерцијалните сателитски комуникациски мрежи во воени услови. Starlink се користи од цивилни корисници ширум светот, но неговата достапност и мобилност го прават привлечен и во региони каде што копнената инфраструктура е оштетена, уништена или ограничена.
По сознанијата за можното користење на услугата од иранската војска, SpaceX вовела дополнителни ограничувања за продажбата и ја паузирала програмата за индиректни препродавачи. Компанијата, исто така, побарала посилна проверка на идентитетот за корисници што ја активираат услугата на летала кои се движат со брзина од најмалку 100 милји на час. За повторно активирање, од корисниците биле барани лични и податоци за воздухопловот.
Во исто време, американските сили користат Starshield, воената верзија на системот, во операции со беспилотни летала. Според извештаите, имало спор и околу видот на претплатата што американската војска ја користела за системите LUCAS, бидејќи поевтината копнена услуга не ги покривала воздухопловните операции.
Американските власти, сепак, наводно се воздржуваат од целосно географско блокирање на Starlink во Иран. Причината е што терминалите таму ги користат и цивили и дисиденти, особено во периоди кога властите ограничуваат или прекинуваат интернет-комуникации низ земјата.
