Бостон ќе престане да ја користи платформата на Flock Safety за камери што препознаваат регистарски таблички, откако градските власти утврдиле дека податоците биле споделувани на национално ниво спротивно на условите од договорот.
Одлуката не значи дека Бостон целосно се откажува од технологијата за читање регистарски таблички. Градоначалничката Мишел Ву посочила дека ваквите камери може да останат дел од безбедносните алатки, но само со јасно одобрени јавни правила и ограничувања за заштита на приватноста и граѓанските слободи.
Според годишниот извештај на градот, добавувачите треба да се согласат дека нема да ги споделуваат податоците од системите за читање таблички. Снимките, пак, треба да се бришат по 30 дена, освен ако полицијата не побара нивно задржување поради правна или истражна потреба.
Бостонската полиција тестирала различни верзии на технологијата за да добие подобра слика за движењето на возилата. Но, градските власти бараат прецизно да знаат кој има пристап до информациите, каде се чуваат и колку долго остануваат достапни. Доколку контролите за пристап не можат да се ограничат во согласност со градската политика или можат подоцна да се менуваат на начин што ги прекршува тие правила, платформата нема да се користи.
Случајот доаѓа во период кога сè повеќе градови ги преиспитуваат договорите со Flock Safety. Причините вклучуваат загриженост за прекумерен надзор, несакано споделување податоци, трошоци и наводи за несоодветна употреба на системот од страна на полицијата.
Electronic Frontier Foundation претходно анализирала записи од пребарувања во системите на Flock и навела дека службеници во различни делови од САД внесувале неосновани или несериозни образложенија за пристап до чувствителни податоци за локација на возила. Flock вовел мени со категории на кривични дела како причина за пребарување кон крајот на 2025 година, но според организацијата тоа не бара потврда дека избраната причина навистина одговара на целта на пребарувањето.
Од Flock претходно соопштиле дека новите партнерства со градови во 2026 година значително ги надминувале договорите што не биле обновени.
