Bose ја проширува понудата на слушалки со отворен дизајн со две нови модели: Ultra Open Earbuds од втора генерација и спортски ориентираните Sport Open Earbuds. Двата производи ќе бидат достапни од 1 октомври.

Ultra Open Earbuds 2nd Gen се наследник на моделот од 2024 година и ја задржуваат препознатливата форма со стегач што се прикачува околу увото. Bose направил суптилни промени во изгледот, вклучително и закосена завршница на металните капачиња, додека кутијата за полнење добива поддршка за безжично полнење и може да стои исправено.

Главните подобрувања се насочени кон звукот и автономијата. Новиот драјвер треба да обезбеди поизразен бас и поголема јачина во однос на првата генерација. Слушалките добиваат и Cinema Mode, режим со просторен звук наменет за филмови, серии и видео-поткасти.

Како и кај претходниот модел, отворената конструкција значи дека нема активно поништување бучава. Наместо целосно изолирање од околината, концептот е корисникот да може да слуша музика и истовремено да остане свесен за звуците околу себе. Преку апликацијата Bose ќе бидат достапни еквилајзер со три опсези и Auto Volume, функција што автоматски ја приспособува јачината според средината. Додадена е и функцијата SpeechClarity за подобар квалитет при разговори.

Батеријата сега е оценета на до девет часа со едно полнење, во споредба со 7,5 часа кај првиот модел. Кутијата нуди уште нешто помалку од 20 часа дополнителна енергија. Користењето на режимите Immersive Audio и Cinema Mode може да ја намали издржливоста. Поддржани се Bluetooth 5.4 и поврзување со два уреди истовремено, а ќе има и кратенка за Apple Music плејлисти.

Паралелно, Bose ги претставува Sport Open Earbuds, модел со сличен отворен принцип, но приспособен за вежбање и активности на отворено. Тие имаат полесна конструкција, мека силиконска завршница и C-облик за постабилно поставување на увото. Физичките контроли се наменети за полесно менување јачина или јавување во движење.

Sport Open Earbuds имаат IP54 заштита од прашина и вода, до седум часа батерија и уште 22 часа преку кутијата. Цената им е 199 долари, додека Ultra Open Earbuds 2nd Gen ќе чинат 299 долари.