Американската Федерална комисија за комуникации (FCC) одобри исклучок од правилата за странска сопственост, со кој суверени инвестициски фондови од Саудиска Арабија, Катар и Абу Даби би можеле да стекнат до 49,5 отсто од капиталот во компанијата што би произлегла од планираното спојување на Paramount и Warner Bros.
Одлуката е важен регулаторен чекор за договорот, бидејќи Paramount поседува 28 телевизиски станици што емитуваат преку јавните радио-фреквенции во САД. Според постојното правило, странски субјекти вообичаено не смеат да имаат повеќе од 25 отсто сопственички удел во медиумски компании што имаат вакви лиценци.
FCC го прифатила барањето на Paramount за надминување на овој праг. Фондовите од трите заливски држави би имале акции, но без официјални гласачки права. Комисијата навела дека поради тоа инвеститорите нема да можат да влијаат или да контролираат одлуки поврзани со носителите на телевизиските лиценци.
Барањето на компанијата опфатило и можност за странските инвеститори да поседуваат до 100 отсто од капиталот. FCC и за тоа дала согласност, но за евентуално стекнување акции со гласачки права ќе биде потребно ново, посебно барање.
Одлуката предизвика реакции кај организации и политичари што се противат на поголемо учество на странски влади во американски медиумски компании. Групата Free Press и демократската комесарка во FCC, Ана Гомез, изразија загриженост дека толку голем капитален удел може да создаде влијание врз содржините и деловните одлуки, иако акциите не носат формално право на глас.
Регулаторното одобрување не значи дека спојувањето е завршено. Договорот меѓу Paramount и Warner Bros. сè уште е предмет на антимонополска тужба поднесена од Калифорнија и уште 11 американски сојузни држави. Почетокот на судскиот процес е закажан за март следната година.
