Amazon го блокираше дигиталниот агент Muse на Meta од купување преку својата онлајн-продавница. Корисниците кои се обидуваат да го користат Muse на Amazon добиваат известување дека пристапот од неовластен агент ги прекршува условите за користење на платформата.
Muse беше претставен претходно овој месец како личен дигитален асистент кој може проактивно да помага со задачи и предлози. Меѓу неговите можности се пополнување формулари, испраќање е-пошта и купување производи. За плаќање, услугата користи еднократна картичка генерирана преку Link by Stripe.
Од Amazon посочуваат дека прво побарале Meta доброволно да ја исклучи нивната продавница од опсегот на Muse. Компанијата смета дека апликациите од трети страни кои купуваат во име на корисници треба отворено да функционираат и да ја почитуваат одлуката на трговецот дали сака да учествува во таква услуга.
Според информациите, Amazon не бил известен дека Muse ќе пристапува до неговата продавница. Компанијата изразила и загриженост дека агентот не се идентификува при разгледување на страницата, како и дека тоа може да отвори прашања за приватноста и безбедноста на корисничките податоци, вклучително и податоците за најава.
Meta при претставувањето на Muse соопшти дека услугата нема увид во лозинки и податоци за платежни картички. Компанијата наведе дека податоците кои корисникот ќе ги сподели се чуваат во заштитен простор, за Muse да може да ги употреби без да има директен увид во нив, вклучувајќи ги и лозинките внесени во прелистувачот.
Блокадата е уште еден пример за настојувањето на Amazon да го задржи купувањето во рамки на сопствената платформа. Компанијата претходно водеше спор со Perplexity околу куповното искуство Comet. Во август судија застана на страната на Perplexity. Amazon, исто така, од јули почна да испраќа пооскудни потврди за нарачки, без конкретни имиња и слики на производите, со што се ограничува извлекувањето такви информации од надворешни услуги.
