Discord оваа недела почнува пошироко да применува нов систем за утврдување на возраста на корисниците. Наместо сите да поминуваат низ проверка со документ или видео-селфи, платформата најпрво автоматски ќе ги распоредува профилите во три групи: возрасни, тинејџери и непотврдени.

Компанијата ќе користи веќе достапни податоци од сметките, како староста на профилот, уредот, активноста и начинот на користење на услугата. Discord наведува дека за оваа цел нема да ги прегледува приватните пораки и повиците, ниту пак добиената возрасна група ќе биде прикажана на профилот или достапна за другите членови на серверите.

Корисниците ќе можат да ја проверат својата класификација во делот Account Status во поставките. Според Discord, повеќе од 90 проценти од корисниците нема да треба да преземат дополнителни чекори доколку системот ги смести во соодветната група.

За профилите што ќе останат во категоријата непотврдени ќе бидат достапни повеќе начини за докажување дека корисникот е полнолетен. Во зависност од пазарот, тоа може да вклучува кредитна картичка, потврда преку Apple App Store, Google Play Store, Google Wallet или услугата AgeKey. Како дополнителни опции остануваат скенирање личен документ и видео-селфи.

Промените носат конкретни ограничувања за тинејџерските сметки. Пораките од лица кои не се пријатели ќе завршуваат во посебно сандаче за барања. Корисникот ќе добива предупредување пред да прифати барање за пријателство од лице со кое нема заеднички пријатели или членство во помал сервер.

Тинејџерите исто така нема да можат да пристапат до содржини означени како чувствителни, ниту до сервери, канали и команди за ботови што се ограничени само за возрасни. Нивните целосни профилни информации и активности ќе бидат видливи само за пријатели и членови на помали сервери. Непотврдените сметки ќе подлежат на првите две ограничувања сè додека не ја потврдат возраста.

Discord ги одложи претходните планови во февруари по реакции од заедницата поради приватноста и собирањето лични податоци. Компанијата сега вели дека надворешните партнери задолжени за потврда на возраста ќе мора трајно да ги избришат корисничките податоци по завршувањето на постапката, а проценките преку лице ќе се извршуваат директно на уредот на корисникот.