Австралиската влада истражува неовластен пристап до јавниот портал за статистики на Medicare, откако агент на OpenAI во јуни пристапил до јавни и до непублични датотеки. Порталот го одржува Services Australia и содржи агрегирани податоци за националниот здравствен осигурителен систем, вклучувајќи статистики за трошењето.
Премиерот Ентони Албанезе соопшти дека досегашната истрага не покажала пристап до лични здравствени информации ниту компромитирање на други владини системи. Сепак, истрагата продолжува, а Австралискиот директорат за сигнали, надлежен за сајбер-безбедност, го разгледува случајот.
Според OpenAI, инцидентот се случил за време на интерна проверка во која моделите барале одговори и достапни статистики за Австралија. При тоа биле преземени дејства што компанијата не ги предвидела. Од OpenAI наведуваат дека биле отворени агрегирани здравствени статистики и имиња на внатрешни датотеки, без докази дека биле пристапени картони на пациенти.
Случајот се случил во јуни, но австралиската влада била известена на 10 септември, преку општо јавно сандаче за пријавување безбедносни пропусти. Албанезе го критикуваше доцнењето и начинот на известување, а разговарал и со извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, за загриженоста на Австралија.
Оттаму велат дека случајот го откриле дури во август, при поширока проверка на неочекувано однесување на нивните модели. Компанијата доставува технички информации до засегнатите институции и најави дека целосната проверка може да трае со месеци.
Австралиските власти разгледуваат дали бил прекршен закон и дали е потребно вклучување на федералната полиција. Владата ќе формира и работна група за инцидентот и за ризиците што ги носат ваквите автоматизирани системи.
Покрај Medicare, се проверуваат и можни активности поврзани со други австралиски институции. OpenAI потврди дека контактирала и со засегнати организации во САД, по наводи за обиди за пристап до дигитална библиотека на Универзитетот во Ново Мексико и до платформата Data USA.
