Паметната рерна June Oven повеќе не може да се поврзе со својата апликација и cloud услугите, откако Weber ги исклучи системите што ги поддржуваа нејзините онлајн функции. Уредот и натаму може да се користи како обична рерна, но сопствениците остануваат без далечинско управување, софтверски надградби и другите поврзани можности за кои првично плаќаа.

June беше развиена од поранешни инженери на Apple и пред околу една деценија се истакна како напреден кујнски уред. Првиот модел чинеше 1.495 долари и имаше вградена вага, камера и грејни елементи од повисока класа. Подоцна компанијата понуди и модел со попристапна цена.

Weber ја купи June во јануари 2021 година, а производството на рерните било прекинато во 2022 година. Со гасењето на услугите, корисниците нема да добиваат поддршка ниту резервни делови. Дополнителен проблем може да настане доколку уредот треба да се врати на фабрички поставки, бидејќи тоа би можело целосно да ја оневозможи неговата поврзана функционалност.

Од Weber разгледувале можност технологијата да ја отворат за други заинтересирани страни, но се откажале бидејќи интелектуалната сопственост на June е дел од платформата Weber Connect.

Случајот со June е уште еден пример за ранливоста на уредите што зависат од серверите на производителот. Во изминатите години слична судбина имаа дел од производите Nest, WeMo, Neato, Brava, Logitech, Bose и Sengled. Кај дел од нив основната функција продолжува да работи, но исчезнуваат контролата преку апликација, гласовните команди и надградбите. Други производи, како Nest Secure, практично стануваат електронски отпад.

Постои можност некои уреди да добијат втор живот преку локални платформи и протоколи, како Home Assistant, Zigbee, Z-Wave, Thread, Bluetooth или Apple HomeKit. Но тоа не е гарантирано и често бара техничко знаење. Во минатото, корисниците го оживеаја Insteon, а Bose го отвори интерфејсот за SoundTouch.

За купувачите, поуката е да бараат уреди со физички контроли и локално работење. Cloud функциите можат да бидат корисни, но нивната достапност зависи од тоа дали производителот ќе продолжи да ги одржува.