Новата Fable ќе ја задржи британската смисла за хумор како една од клучните одлики на серијалот, но Playground Games вели дека внимавала тонот да не премине во претерано груби шеги. Според придружните директори на играта Крег Литлер и Вил Кенеди, хуморот не е ограничен само на сценаријата и разговорите меѓу ликовите, туку е вграден во речиси секој систем на играта.
Тимот сака комичниот дух на Fable да се чувствува и во борбата. Како пример е посочена магија со која непријателите можат да се претворат во кокошки. Дури и кога ќе се вратат во првобитната форма, тие уште извесно време ќе се движат и мавтаат како кокошки, што создава визуелна шега, но и му остава простор на играчот за дополнителен напад.
Кенеди објаснува дека тонот бил постојана тема при развојот и дека студиото барало можности да внесе препознатлив британски хумор во сите делови од искуството. Сепак, пристапот е приспособен за современа публика. Playground Games смета дека дел од хуморот од постарите Fable игри денес може да звучи застарено, па одлучила да избегнува содржини што би биле премногу вулгарни.
Наместо тоа, акцентот е ставен на добро напишани сцени, силен наратив и актерска изведба. Во актерската екипа се британските актери и комичари Хејли Атвел, Мет Кинг и Натасија Деметриу. Студиото очекува тие да донесат хумор во своите улоги, но истовремено и емотивна тежина потребна за бајковитиот свет на Fable.
Актерите работат со цврсто подготвено сценарио, но имаат и одредена слобода за импровизација. Playground Games планира да ги искористи успешните импровизирани моменти кога се вклопуваат во играта.
Fable е закажана за 23 февруари 2027 година за PlayStation 5, Xbox Series X|S и PC.
