Anthropic ја објави верзијата Claude Sonnet 5.5, која го заменува Sonnet 5 како најнапреден модел од средната класа во понудата на компанијата. Новата верзија доаѓа само неколку месеци по Sonnet 5 и е насочена кон секојдневни работни задачи, развој на софтвер и подготовка на деловни документи.
Компанијата наведува дека Sonnet 5.5 генерира одговори повеќе од 30 отсто побрзо во споредба со претходникот. Притоа, моделот би требало да користи значително помалку токени за завршување на иста задача, што може да го намали вкупниот трошок кај подолги или почести работни процеси.
Цените сепак остануваат исти како кај Sonnet 5. Употребата чини 2 долари за милион влезни токени, 10 долари за милион излезни токени и 0,20 долари за милион читања од кешот. Anthropic тврди дека намалената потрошувачка на токени значи пониски трошоци за голем дел од задачите, иако тарифите формално не се променети.
Sonnet 5.5 е позициониран како алатка за поправка грешки во код, изработка на документи, презентации и табеларни пресметки. Посебно се истакнува работата со дизајн, вклучително и доработка на кориснички интерфејси и создавање презентации според однапред зададени шаблони, со помала потреба од дополнителни измени.
Во хиерархијата на Anthropic, Sonnet е сместен меѓу поевтиниот Haiku и помоќниот Opus. Иако Opus е поголем и поскап модел, Anthropic наведува дека Sonnet 5.5 може да има предност во одредени програмерски задачи со повеќе агенти, каде што брзината и ценовната ефикасност се особено важни.
Новата верзија добива и засилени заштитни механизми за сајбер-безбедност, споредливи со оние што компанијата ги применува кај Opus 5 и повисоките модели. Овие ограничувања се наменети за тесен круг високоризични барања, додека вообичаената програмерска работа и најголемиот дел од задачите од животните науки не би требало да бидат засегнати.
Sonnet 5.5 веќе е достапен и во Claude Code. Anthropic во следните недели планира и нова верзија на Haiku, својот најмал и најевтин модел.
