Technics ги претстави EAH-A1000, нови премиум over-ear безжични слушалки во кои за првпат ја применува својата технологија со магнетна течност кај модел со големи 40mm драјвери. Решението претходно беше искористено во EAH-AZ100 earbuds, но неговото приспособување за слушалки со поголеми мембрани барало поинаков пристап.
Магнетната течност е сместена меѓу звучната намотка и магнетот и има задача попрецизно да го стабилизира движењето на драјверот. Кај 40mm единица, поголемото движење на мембраната носи и поголем ризик од виткање, вибрации и изобличување. Technics затоа не се задржал само на зголемена верзија на технологијата од earbuds моделот.
Драјверот на EAH-A1000 комбинира повеќе конструкциски решенија. Мембраната е изработена од неламиниран материјал од јаглеродни влакна, избран поради малата маса и цврстината. Нејзината форма има конусен дел и подигната купола, а дополнителното ребро на куполата и променетиот распоред на влакната треба да придонесат за постабилна работа.
Technics вградува и SST Edge, односно Symmetrical Surround Technology, решение инспирирано од неговите hi-fi звучници. Работ на мембраната е обликуван за движењето напред и назад да поместува еднаков волумен воздух, додека засеците му даваат поголема флексибилност. Целта е намалување на изобличувањето без ограничување на природната динамика.
Внатрешноста дополнително содржи рамна baffle структура за намалување на несаканите рефлексии околу драјверот и акустична комора што го контролира протокот на воздух. Според Technics, сите овие елементи работат заедно за почисти високи тонови, прецизен бас и поприродна просторност.
EAH-A1000 поддржуваат SBC, AAC и LDAC, како и слушање преку USB-C. Имаат Bluetooth multipoint поврзување со до три уреди, иако користењето LDAC ограничува дел од функциите и влијае врз автономијата. Батеријата е декларирана до 45 часа со вклучено активно поништување шум, односно до 90 часа без него. Брзо полнење од 15 минути обезбедува до четири часа репродукција.
За ANC системот се користат по четири микрофони на секоја страна, а слушалките имаат и режим на транспарентност. Моделот тежи 306 грама, се преклопува за полесно носење и ќе биде достапен во црна и Platinum Greige изведба. Цената е поставена на 399 фунти или 449 долари.
