Microsoft ги претстави Mythic Achievements, нов тип достигнувања за Xbox што ќе им овозможи на играчите јасно да покажат дека целосно ги завршиле предвидените предизвици во одредена игра.
Mythic Achievement се отклучува откако играчот ќе ги освои сите оригинални achievements во една игра. Дополнителните достигнувања што ќе пристигнат подоцна преку DLC содржини или ажурирања нема да влијаат врз овој статус. Откако ќе се добие, Mythic статусот останува поврзан со профилот на играчот.
Новата функција важи и ретроактивно. Тоа значи дека корисниците кои во минатото веќе ги освоиле сите основни достигнувања во одредени наслови, може автоматски да добијат Mythic Achievement при следната посета на својот Xbox профил. Поддршката се протега и на игри за Xbox 360.
За полесно следење, Xbox профилите добиваат ново Gaming јазиче. Во него ќе бидат прикажани пресвртници поврзани со Gamerscore, како и освоените Mythic Achievements. Секое вакво достигнување ќе има посебна визуелна рамка, а играчите ќе можат да ги разгледуваат и податоците на пријателите преку нивните профили.
Microsoft ја освежува и листата со достигнувања во самите игри. На врвот на листата ќе има лента за напредок што покажува колку е блиску играчот до Mythic статус. Ќе биде достапна и опција за фокусирање на преостанатите оригинални достигнувања потребни за комплетирање на играта.
Системот наликува на Platinum трофеите на PlayStation, кои се доделуваат на играчи што ги исполнуваат условите за целосно комплетирање. Xbox досега веќе имаше долгогодишен систем на achievements и Gamerscore, но без посебна завршна ознака за освојување на сите основни достигнувања.
Mythic Achievements засега се во тест-фаза и им се достапни на членовите на програмата Xbox Insiders. Таа им овозможува на корисниците да испробуваат нови системски ажурирања, апликации, функции и игри пред нивното пошироко објавување.
