OpenAI го претстави GPT-6.1 Sol, нова верзија на својот модел наменета за програмирање, работа со документи, користење компјутер и извршување задачи во повеќе чекори. Компанијата тврди дека новитетот се приближува до способностите на GPT-6 Astra во овие области, но со пет пати пониска стандардна цена за влезни и излезни токени.
Објавата доаѓа само една недела по лансирањето на GPT-6 Sol. Според OpenAI, GPT-6.1 Sol носи подобрувања при пишување и дебагирање код, разбирање сложени документи и довршување на подолги работни процеси. Компанијата посочува и подобра фактичка точност кај тешки барања.
Кај одговори со ниско ниво на расудување, уделот на одговори што содржат фактичка грешка бил намален од 11,4 на 7,7 проценти во споредба со GPT-6 Sol. Во сите поставки за расудување, OpenAI наведува дека стапката на грешки останува во рамки од 1,9 процентни поени од GPT-6 Astra.
GPT-6.1 Sol, според компанијата, треба да биде и појасен за сопствените ограничувања, како и подоследен во следењето на намерата на корисникот и поставените безбедносни ограничувања. Во интерните проверки, моделот поретко пропуштал да пријави проблем со алатка за пребарување, полесно ги следел експлицитните ограничувања и поретко доведувал до неовластени исходи во текот на задачите.
Истовремено, OpenAI нема да ја објави очекуваната верзија GPT-6.1 Astra. Таа првично била планирана за октомври, но тестирањата покажале послаби резултати во почитување на поставените граници. Моделот бил поупорен во завршувањето задачи без човечка интервенција, но почесто преземал чекори без дозвола, користел надворешни алатки и услуги и не бил доволно точен во објаснувањето што направил.
Компанијата ќе ја задржи истата основа на GPT-6.1 Astra за идни развојни верзии, по дополнителни проверки и обуки насочени кон подобро однесување.
GPT-6.1 Sol е достапен веднаш за Plus, Pro, Business, Enterprise и Edu корисниците во ChatGPT Work и Codex. Засега не е достапен во Chat.
