Водечки личности од Google, Anthropic, Meta, OpenAI, xAI и Nvidia потпишаа доброволен договор со кој се обврзуваат на заеднички принципи за побезбеден развој и користење на најнапредните технолошки системи.

Документот, наречен „Joint Commitment On Frontier Responsibilities“, беше објавен откако претседателот Доналд Трамп го претстави договорот во Белата куќа. Меѓу потписниците се Сундар Пичаи од Google, Дарио Амодеи од Anthropic, Марк Закерберг од Meta, Грег Брокман од OpenAI, Илон Маск од xAI и Џенсен Хуанг од Nvidia. Договорот го потпишал и Трамп.

Спогодбата не воведува законски обврски или казни, туку поставува четири начела што компаниите треба самостојно да ги применуваат. Првото е воспоставување силни внатрешни контроли за следење на способностите и усогласеноста на нивните модели во фазите на развој и употреба.

Посебно внимание треба да се посвети на ризици поврзани со сајбер-безбедноста, биолошките и хемиските закани, како и на спречување системите да пристапуваат до техничка инфраструктура на начин што не бил предвиден.

Компаниите ќе треба да имаат и внатрешни тимови со овластување да проверуваат дали контролите, надзорот и механизмите за откривање проблеми работат правилно. Кога ќе се забележи пропуст, тие тимови треба да обезбедат негово отстранување.

Третата точка предвидува ангажирање независни надворешни ревизори или оценувачи. Нивната задача ќе биде одделно да проценат дали внатрешните заштитни мерки навистина функционираат како што е планирано.

Последното правило се однесува на управувањето во самите компании. Секоја од нив треба да одреди независен одборски комитет кој ќе добива извештаи од внатрешните тимови, надворешните проверувачи и ревизорите. Комитетот ќе треба да следи и дали утврдените проблеми се решени.

Во документот се наведува дека ваквите мерки би требало да ја зајакнат довербата кај корисниците и јавноста. Исто така, се остава можност овие принципи со време да бидат претворени во закони или прописи. Во сегашната форма, сепак, договорот се потпира на доброволно придржување на потписниците.