Reddit ќе воведе дополнителни ограничувања за Old.Reddit.com, класичната десктоп-верзија на платформата која и натаму ја користат дел од долгогодишните членови. Во следните неколку месеци, пристап ќе имаат само најавени профили што го користеле Old Reddit во претходните шест месеци.

Со тоа, новоотворените профили нема да можат да влезат во стариот интерфејс, а пристап ќе изгубат и постојните сметки што не го посетиле во наведениот период. Исклучок ќе важи за модераторите: тие ќе можат да го користат Old Reddit додека се најавени, без оглед на тоа кога последен пат го отвориле.

Компанијата уште во јули воведе задолжително најавување за пристап до класичниот изглед. Според Reddit, таа мерка веќе го намалила автоматизираниот сообраќај и масовното преземање содржини, но секој најавен профил сè уште можел да го користи Old Reddit, вклучително и профили без претходна активност на оваа верзија.

Old Reddit е познат по едноставниот, текстуален распоред и изгледот што потсетува на раните години на сервисот. Новото ограничување веројатно ќе предизвика незадоволство кај корисниците кои го претпочитаат поради познатиот распоред, почетната страница и помалку наметливиот дизајн. Reddit, сепак, не најавува укинување на стариот интерфејс и наведува дека целта е тој да остане достапен за луѓето и модераторите што навистина се потпираат на него.

Промените се дел од пошироко стеснување на отворените начини за пристап до содржините на Reddit. Платформата ќе ја прекине поддршката за RSS-канали на 13 ноември, оценувајќи дека тие станале честа точка за автоматизирана злоупотреба. За модераторски известувања, Reddit предлага премин кон Discord Relay Devvit, но нема алтернатива за RSS-каналите што корисниците ги следеле надвор од заедниците што ги модерираат.

Дополнително, јавниот API-пристап ќе биде целосно укинат во март 2027 година. Развивачите на одобрени апликации и ботови треба да ги регистрираат до 12 јануари 2027 година, бидејќи по тој датум нерегистрираните алатки ќе останат без API-пристап.