Шпанската фудбалска лига Ла Лига поднесе барање до Европската комисија во кое бара четири големи VPN услуги да бидат вклучени на претстојната европска листа за следење фалсификати и пиратерија. Во поднесокот се наведени NordVPN, Proton VPN, ExpressVPN и Surfshark.

Барањето се однесува на изданието на Counterfeit and Piracy Watch List што Европската Унија го подготвува за 2027 година. Ла Лига не ја оспорува самата VPN технологија, туку начинот на кој, според неа, таа се промовира преку партнерски маркетинг.

Според лигата, одредени водичи објавени од медиуми, страници и инфлуенсери што добиваат провизија од продажба на VPN претплати им покажуваат на корисниците како да се поврзат на сервери во други земји. Така можат да пристапат до бесплатни или поевтини преноси од фудбалски натпревари кои не се достапни на нивниот пазар.

Ла Лига смета дека таквата промоција ја нарушува територијалната ексклузивност на договорите за ТВ и стриминг права. Во поднесокот се посочуваат и страници кои наводно именуваат познати пиратски стриминг-платформи и објаснуваат како да се заобиколат блокади наредени од суд.

Случајот е продолжение на пошироката кампања на Ла Лига против нелегалните спортски преноси во Шпанија. Во февруари, шпански суд издал еднострана наредба со која NordVPN и Proton VPN требало да блокираат нелегални фудбалски стримови во земјата. Судот тогаш заклучил дека услугите ја рекламирале можноста за заобиколување географски ограничувања.

Двете компании, сепак, реагирале дека не биле формално известени за правната постапка. Во мај, NordVPN добил судски спор поврзан со казни што Ла Лига ги барала поради непочитување на блокадите. Судот одбил да изрече казни, прифаќајќи дека IP-адресите на спорните стримови се менувале пребрзо за трајна блокада.

Претходните мерки против пиратеријата во Шпанија предизвикаа и несакани последици: годинава биле погрешно блокирани повеќе од 500.000 веб-страници. Во меѓувреме, европска студија предлага нелегалните преноси да се отстрануваат во рок од 30 минути, вклучително и преку DNS услуги и VPN мрежи.