Јутјуб креаторот PewDiePie го претстави Ajax, модел наменет да работи на домашни компјутери како дел од неговата самостојно хостирана работна платформа Odysseus. Проектот е поставен како постојано активен асистент што може да извршува секојдневни задачи, од пребарување и прелистување веб-страници до работа со е-пошта и календар.

Ajax е приспособена верзија на Qwen3.5-9B, а според страницата на проектот, обработката е предвидена да се одвива приватно, на хардверот на самиот корисник. Одysseus е претставен во мај, а Ajax е следниот чекор во развојот на оваа платформа.

Креаторот го опишува моделот како помалку ограничен од вообичаените комерцијални решенија. За таа цел користел автоматизирана постапка за отстранување на одбивањата од моделот, преку алатката со отворен код Heretic. Намерата била да се отстранат дел од ограничувањата без значително да се нарушат останатите способности на моделот.

Сепак, тој наведува дека поставил граница кај содржини што може да предизвикаат штета на други луѓе или на самиот корисник. По совет од адвокат, Ajax не е замислен да нуди опасни инструкции што може директно да се применат во пракса. Конкретните ограничувања и нивната примена не се целосно објаснети.

PewDiePie во видеото зборува и за проблеми со OpenAI при развојот на проектот. Тој тврди дека двапати му била суспендирана сметката, при што во едно од прикажаните известувања како причина се наведува дестилација. Тоа е постапка во која излезните резултати или образложувањата од еден модел се користат за обучување друг.

Според него, првата сметка подоцна била повторно активирана, додека второто ограничување се случило кога повторно го користел моделот за подготовка на почетни податоци за обучување. Во прикажаното известување не биле наведени конкретни примери за спорната активност.

Креаторот смета дека помалите модели, изградени за конкретна софтверска околина, се попрактични за основни задачи од многу поголемите системи. Тој планира уште обука со засилување, ново отстранување на ограничувањата, квантизација и мерење на перформансите пред следното издание на Ajax и поголемо ажурирање на Odysseus.