Samsung ги претстави Galaxy Buds On, своите први безжични слушалки со клип-дизајн, на домашниот пазар во Јужна Кореја. Моделот ќе биде достапен од 27 октомври, а компанијата најавува и пошироко меѓународно лансирање, без засега да открие пазари, датуми и цени за другите региони.
За разлика од класичните in-ear слушалки, Galaxy Buds On се поставуваат на надворешниот дел од увото и не го затвораат ушниот канал. Таквиот отворен дизајн може да им одговара на корисници на кои не им е пријатно чувството на слушалки поставени во увото, но носи и поголем ризик звукот да се слуша во околината.
Samsung се обидува да го надмине овој недостаток со систем наречен TwinBoost, кој според компанијата треба да обезбеди посилен бас. Слушалките имаат и автоматско прилагодување на јачината на звукот во зависност од условите во околината.
Компанијата посветила внимание и на удобноста при носење. Galaxy Buds On имаат поширока контактна површина, со цел притисокот да се распореди порамномерно долж делот што се потпира на увото. Контролите на допир се сместени на задната страна од секоја слушалка, а достапна е и функција за изолирање на гласот при разговори, наменета за подобра разбирливост на повиците.
Куќиштето за полнење по изглед наликува на она кај Galaxy Buds 4. Корисниците со компатибилни Galaxy уреди ќе добијат и дополнителни опции без користење раце, вклучително и гестови со глава за управување со повици. Долгото задржување на допирната површина активира функција за брзо снимање гласовна белешка.
Galaxy Buds On во Јужна Кореја ќе се продаваат само во црна боја. Цената изнесува 299.000 јужнокорејски вони, односно приближно 220 долари. Со ова Samsung влегува во сегментот на клип-слушалки, каде веќе се присутни брендови како Bose, Huawei и Shokz.
