Американскиот одбранбен стартап Фјуриентис обезбеди почетна инвестиција од 25 милиони долари, предводена од фондот Бенчмарк, за развој и масовно производство на поевтини ракети-пресретнувачи. Компанијата, основана пред една година, веќе има финансиран договор со Пентагон за изработка на пресретнувачи со среден дострел.
Новата рунда следува по претходното финансирање од 5 милиони долари, објавено во мај. Според лице запознаено со работењето на компанијата, Фјуриентис била вреднувана на 125 милиони долари.
Компанијата ја основале Броди Францен и Арис Симсаријан, инженери со искуство во вселенската и одбранбената индустрија. Францен претходно бил заменик главен инженер во Вирџин Галактик, а потоа работел во Кастелион, стартап за хиперсонични ракети. Симсаријан, пак, бил задолжен за тестирање ракетни мотори во Вирџин Орбит.
Фјуриентис развива системи што немаат амбиција да ги достигнат перформансите на најнапредните постојни пресретнувачи. Наместо тоа, пристапот е насочен кон брзо составување од достапни компоненти, со цел значително пониска цена по единица во однос на традиционалните системи.
Основачите сметаат дека американските воени резерви се ограничени кога станува збор за скапи пресретнувачки ракети, чија цена може да достигне околу 3 милиони долари по парче. Американската морнарица добива меѓу 300 и 500 такви ракети годишно, додека Кина тврди дека произведува 3.000 противбродски крстосувачки ракети месечно.
За разлика од големите одбранбени компании, кои често работат со долги развојни циклуси, Фјуриентис ги тестира своите ракети на терен на секои две недели. Во досегашната фаза компанијата изработила прототипи и извела десетина лансирања.
Фјуриентис моментално работи од објект во Лос Анџелес, а пробните лансирања ги изведува во Вајт Сендс, Ново Мексико. Долгорочната цел е секоја фабрика да произведува по 1.000 системи годишно. Во истата област работат и Андурил, Кастелион и Шилд Еј-Ај, додека традиционалните производители ги забрзуваат сопствените производни процеси.
