Google DeepMind, Meta и стартапот за откривање лекови Isomorphic Labs ќе вложат заеднички 300 милиони долари во Biohub, непрофитна биомедицинска истражувачка организација основана од Марк Закерберг и Присила Чен.

Средствата се дел од поширока иницијатива вредна 1,8 милијарди долари, насочена кон создавање големи биолошки бази на податоци. Целта е истражувачите полесно да поставуваат прашања, да предвидуваат резултати и да испитуваат биолошки процеси во дигитална средина.

Biohub е основан во 2016 година и работи на развој на таканаречена виртуелна клетка. Станува збор за модел што би требало да им овозможи на научниците да симулираат процеси во клетките, наместо секој експеримент да започнува исклучиво во лабораторија. Таквиот пристап би можел да помогне во побрзо разбирање на болестите и во наоѓање нови начини за нивно спречување и контролирање.

Покрај приватните вложувања, проектот добива и јавна поддршка. Американското Министерство за енергетика планира да инвестира повеќе од 500 милиони долари во следните пет години. Националниот институт за здравство, пак, ќе придонесе со бази на податоци, репозиториуми и бази на знаење создадени преку претходни федерални инвестиции во вредност од над 500 милиони долари.

Од Biohub посочуваат дека прецизен модел кој може да ја предвидува биологијата би го забрзал научното откривање, бидејќи би овозможил дел од експериментите прво да се изведуваат дигитално. Но, развојот на таков модел бара координирано собирање и создавање податоци на национално и меѓународно ниво.

Виртуелната клетка е замислена како долгорочна научна платформа, а не како единствена алатка за конкретна болест. Со комбинирање на нови биолошки податоци, постојни научни ресурси и компјутерски модели, партнерите сакаат да создадат основа за подетално и побрзо истражување на клеточните механизми.