VPN-компанијата Surfshark соопшти дека останува зад својата поддршка за Disinfo2026, конференција посветена на дезинформациите и измамите на интернет, откако неколку институционални спонзори се повлекоа непосредно пред настанот.
Од поддршката се откажаа дипломатската служба на Европската Унија, Канада и Литванија. Според информациите објавени од Guardian, повлекувањето следело по политски притисок од администрацијата на Доналд Трамп. Во средиштето на спорот бил панел на кој САД наводно биле разгледувани како странска информативна закана.
Конференцијата ја организира независната бриселска непрофитна организација EU Disinfo Lab, а се одржа во Вилнус, Литванија. Дводневниот настан собрал стотици истражувачи, новинари, технолошки експерти и креатори на политики, со цел размена на искуства и пристапи за справување со дезинформации.
По повлекувањето, од веб-страницата на настанот биле отстранети логата на литванското Министерство за надворешни работи, Европската служба за надворешно дејствување и канадското Министерство за надворешни работи. Промената дошла толку доцна што организаторите не успеале навреме да ги заменат сите печатени материјали. На дел од конференциската сигнализација логата биле прекриени со бели налепници.
Surfshark, чиј знак останал присутен на настанот, оцени дека независното истражување и отворената дебата се важни за заштита на дигиталниот простор. Компанијата наведе дека ќе продолжи да ги поддржува заедниците кои работат за побезбеден и поотворен интернет, без оглед на геополитичките околности.
За време на Disinfo2026, Surfshark претстави истражување спроведено со студенти од Универзитетот во Малме. Резултатите покажале дека повеќе од половина од испитаниците не умеат да препознаат ботови или да направат разлика меѓу профили на социјални мрежи што ги водат луѓе и профили создадени со автоматизирани алатки.
Компанијата посочи и на свои претходни податоци, според кои големите социјални платформи годишно отстрануваат над 6,3 милијарди лажни сметки. Таквите мрежи може да придонесат за кражба на идентитет, измамнички повици, финансиски измами и ширење дезинформации.
